Благи рецепти

Велигденски мафини

велигденски рецепт со црвен пипер, морков благ десерт.

Разлистувајќи повеќе рецепти,  а се со цел да ви понудиме несекојдневен, интересен и креативен рецепт наидовме на овие велигденски мафини кои ги подготвивме и ви ги препорачуваме. Освен што брзо и лесно се подготвува, овој десерт е преубав на лик. Тој е инспиративен и вкусен, со крцкава надворешност и кремава и сочна внатрешност. Сигурни сме дека на вашата велигденска трпеза ќе ја донесете оваа градина од морковчиња и ќе ги израдувате најблиските.

Потребни состојки:

За тесто за мафините:
– 100 гр бел шеќер
– 100 гр кафеав шеќер
– 250 гр брашно
– 1/2 кесичка прашок за пециво (5 g)
– 1 јајце
– 100 гр путер
– 100 гр рендано чоколадо или уште подобро чоколадни трошки (чипс).

За полнење на мафините (чоколаден ганаш):
– 100 гр црно чоколадо
– 1 лажиче црвен пипер СИКА
– 100 гр неутрална павлака
-4 орео колачиња

За морковчињата:
– 50 до 80 гр марципан
– Прехрамбена портокалова боја (ние мешавме црвена и жолта)

Начин на подготовка: 

1. Во сад измешајте ги белиот и кафениот шеќер, брашното и прашокот за пециво. Истурете го изматеното јајце и стопениот путер, а потоа и сечканото чоколадо. Добро измешајте, ќе добиете смеса како трошки.

2. Оставете го тестото 1 час во фрижидер.

3. Загрејте ја рерната на 200 ° C

4. Поделете го тестото во калапчиња за мафини. Издлабете го тестото во центарот. Бидејќи моите калапчиња беа поголеми јас добив 15 мафини. Колку се помали калапчињата толку поинтересни ќе бидат колачите.

5. Печете на 200 ° C околу 12 мин.

6. Веднаш штом ќе ги извадите од рерната, со чашка за ракија притиснете ја средината за полесно да се формира калапчето за филот, потоа оставете ги да се изладат.

7. За ганашот: изрендајте или исечете го чоколадото. Загрејте ја неутралната павлака и додајте го чоколадото и 1 лажиче мелен црвен пипер СИКА (за да се интензивира вкусот на чоколадото). Мешајте додека не се измеша добро.

8. Од кога ќе се изладат калапчињата (мафините) ги полниме со чоколадниот ганаш.

9. Орео колачињата ги дробиме (претходно извадете го белиот дел, за да остане само црниот бисквит) и наросуваме врз мафините, за да добиеме автентичен изглед. Ги редиме морковчињата кои претходно сме ги подготвиле.

Сервирајте ги во гајбичка или пак на еко хартија.

За морковчињата:
Во марципанот додајте боја и добро измесете го за да се изедначи. Формирајте мали топчиња и обликувајте ги како морковчиња. Со чачкалица втиснете ги шарите на морковчињата а на врвот направете дупче за да може да ставите гранче зеленило.

Бидете креативни и уживајте во вкусовите со зачините на СИКА.
Идејата за рецептот е од: https://odelices.ouest-france.fr/recette/carrot-cookies-pot-r4373/

Можеби ќе ве интересира